Главната политичка групација во Европскиот парламент денеска повика да се прегледаат банкарските практики на Швајцарија и земјата да се вклучи во европската црна листа на валкани пари по протекувањето на документите на Кредит Суис.

Медиумите ги објавија резултатите од истрагите за протечени податоци за илјадници сметки во банката во изминатите децении и рекоа дека се чини дека тие покажуваат дека меѓу клиентите има и прекршувачи на човековите права и бизнисмени под санкции.

Кредит Суис рече дека силно ги отфрла сите наводи за погрешно постапување и дека медиумските извештаи се засноваат на „делумни, неточни или селективни информации извадени од контекст“.

Европската народна партија (ЕПП), конзервативна групација што има најголем број места во Европскиот парламент, денеска ја повика Комисијата на ЕУ „да ја преоцени Швајцарија како земја со висок ризик за перење пари“.

„Откритијата од ‘Швајцарски тајни’ укажуваат на огромни недостатоци во швајцарските банки кога станува збор за спречувањето перење пари“, рече координаторот на ЕПП за економски прашања Маркус Фербер.

„Кога швајцарските банки не ги применуваат правилно меѓународните стандарди за спречување на перењето пари, самата Швајцарија станува јурисдикција со висок ризик“, додаде тој.

Листата на ЕУ моментално опфаќа 21 земја за кои се смета дека не ги спровеле правилата и практиките против перење пари. Меѓу нив се Иран, Мјанмар, Сирија и Северна Кореја. Ниту една европска земја не е на листата.

Швајцарските власти и Европската комисија, која е одговорна за подготвување и разгледување на списокот, не беа веднаш достапни за коментар, вели Ројтерс.