Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предупреди дека ќе преземе драстични мерки ако компаниите ги повлечат странските валути од банките во екот на кризата во таа земја предизвикана од падот на турската лира.

Во обраќањето во градот Трабзон Ердоган наведе дека фирмите треба да знаат „оти држењето на Турција жива и исправена не е само работа на политичарите, туку и на индустријалците и трговците“. Турција деновиве западна во финансиска криза откако вредноста на лирата потона поради загриженоста од владините економски политики и тензиите во односите со САД.