АД ЕСМ со директно преговарање без објавен оглас купи трансформатор од 425 киловолти за 5,5 милиони евра (плус 1 милион евра ДДВ) за да може да работи третиот блок на РЕК Битола и да произведува електрична енергија за време на енергетската криза, објави Фактор.мк.
Од како е изграден РЕК Битола, ова е прв пат за 40 години да се купува нов трансформатор.
Минатата година во екот на високите цени на струјата, АД ЕСМ се обиде да го вклучи третиот блок по низа направени ремонти, но стариот трансформатор се запали во ноември минатата година. Хаварија доживеа и во август претходно. На почетокот на годинава пак раководството на „Електрани“ објави дека трансформаторот ќе се демонтира и дека ќе се носи на поправка.
Договорот ЕСМ го вклучи со Actael N Ltd од Софија, а за преговарањето без објавен оглас е добиено позитивно мислење од Бирото за јавни набавки поради итноста на потребата. Бугарскиот оператор, кој ќе работи заедно со турски подизведувач. има рок од 110 дена да го демонтира стариот блок трансформатор и да го монтира и пушти во работа новиот.
Гаранцијата на исправноста изнесува 5 години, а ЕСМ треба да му плати аванс на операторот од 1,1 милиони евра. Во договорот има и услови за плаќање на пенали од страна на Бугарите доколку трансформаторот генерира загуби.
Поради неработењето на третиот блок, Владата ургентно мораше да ги активира ТЕЦ Неготино и РЕК Осломеј, затоа што увозот на електрична енергија поскапе неколкукратно. Вклучувањето на третиот блок на РЕК Битола беше замислено како обид да се олесни енергетската криза, но до тоа никогаш не дојде.
Пред две недели генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, рече дека во планот на претпријатието е од почетокот на ноември до 30 април додека трае грејната сезона, РЕК Битола да работи со три блока, односно со максимален капацитет.