Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски порача дека нивна заложба е да нема значителен раст на цените на струјата од 1 јануари, и покрај трендот на зголемување на цените на енергенсите за производство на електрична енергија, на производството и на берзанските цени.

Ковачевски најави и можно намалување на цената за првиот и вториот блок во кој влегуваат граѓаните кои штедат и трошат помалку енергија, како и граѓаните кои имаат помали примања и живеат во помали објекти.

„Токму за нив Владата бара начин да нема зголемување, а можно е сметката да има и одреден процент на намалување за сметка на четвртиот блок каде се најголемите потрошувачи кои трошат најмногу енергија и користат поголеми капацитети за загревање. Таму ќе има поголемо зголемување“, рече Ковачевски на денешната прес-конференција во ЕСМ.

Тој дополни дека се прави напор за намалување на цената на струјата и за малите потрошувачи, односно 65-те илјади субјекти кои се на регулираниот пазар. Додаде и дека за потребите на ЕВН Хоум ќе достават табела од сегашната цена од 48 евра за мегават час па нагоре, а Владата на затворена седница одучува која цена ќе биде препорачана и во затворен плик ќе ја достави на денот на тендерот на ЕВН Хоум.

Анкетата што ја спроведе Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) покажа дека растот на цените на енергијата и до седум пати ги зголемил трошоците на компаниите оваа есен, во споредба со претходната. Третина од нив, според оваа анкета, размислуваат привремено да го прекинат производството или да го затворат бизнисот ако не се намали цената на струјата или доколку не добијат поддршка од владата.

Засега се знае дека по 1 јануари ќе се зголеми ДДВ-то за потрошената електрична енергија од сегашните 5 на 10 отсто, но сепак ќе остане со повластена стапка до јули идната година кога согласно одлуката на Владата треба да се врати на вообичаените 18 отсто.