Европската централна банка (ЕЦБ) соопшти дека во понеделник, 9 март ќе започне со програмата за купување на државни обврзници, во надеж дека вбризгувањето на пари во економиите на еврозоната ќе го поттикне нејзиниот раст и инфлацијата.
ЕЦБ планира да врши откуп на обврзници најмалку до септември 2016 година. Банката планира да инвестира 60 милијарди евра секој месец. Покрај купувањето на државни обврзници, банката планира да купува и одредена приватна сопственост.
“Ние ќе почнеме да купуваме хартии од вредност деноминирани во евра на 9 март 2015 година”, изјави претседателот на Европската централна банка Марио Драги на прес конференција во Никозија.
Програмата ќе биде активирана во време кога еврозоната почнува да покажува знаци на забрзување на економскиот раст и зголемување на потрошувачката.
Главните индикатори укажуваат на подобри резултати во споредба со предвидувањата од моментот кога ЕЦБ го презентираше планот на 22 јануари.