Европската унија бара начини за транспорт на повеќе украински жито со воз и камион, откако Русија го прекина учеството во договорот што го обезбеди нејзиниот транспорт преку Црното Море. Ова го соопштија официјални претставници на ЕУ, цитирани од Ројтерс.
„Блокирањето на транспортот на украинското жито по море, значи дека стотици илјади луѓе ширум светот ќе бидат осудени на гладување“, изјави шефот за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел за новинарите.
„Властите во Москва, ја користат гладтта како оружје“. Борел ја даде оваа изјава на маргините на самитот во Брисел на земјите од Европската унија и Заедницата на државите од Латинска Америка и Карибите. Во меѓувреме, осигурителниот брокер „Марш“ објави дека престанал да ги осигурува украинските товари со жито што се транспортираат преку Црноморскиот коридор.
Ова се случува откако Русија повеќе не ја гарантира безбедноста на комерцијалните бродови што се движат по оваа рута, забележуваат аналитичарите цитирани од БТА. Според овој механизам, беше обезбедено осигурително покритие до 50 милиони долари по товар на украинско жито. Истата беше спроведена од група осигурителни компании, на чело со „Аскот“, компанија на меѓународниот осигурителен пазар „Лојдс“, со седиште во Лондон.