Европската комисија во првите шест месеци од 2025 година има намера да емитува обврзници во износ од 90 милијарди евра, при што средствата прибрани од нив ќе бидат наменети за продолжување на закрепнувањето на ЕУ по корона пандемијата, за зајакнување отпорноста на економијата на блокот и за поддршка на партнерите, пред се Украина и земјите од Западниот Балкан.

Како што соопшти ЕК, покрај издавањето на долгорочните обврзници наменети за континуирана финансиска поддршка на политиките на ЕУ, ќе продолжи и емитувањето на краткорочни хартии од вредност за надополнување на нејзините финансиски операции.

Оваа година од емисии на долгорочни обврзници ЕУ прибра 138 милијарди евра, што претставуваше досега најголема сума обезбедена од хартии од вредност на годишно ниво. Дополнително, Унијата стана петти по големина издавач на зелени обврзници на глобално ниво со емитувани зелени обврзници од иницијативата „Следна ЕУ генерација“ (НГЕУ) во износ од над 68 милијарди евра.

За следната година Комисијата предвидува издавање обврзници од приближно 160 милијарди евра, при што ЕУ би станала најголем светски емитер на зелени обврзници.

Според еврокомесарот за буџет, борба против измамите и јавна администрација Пјотр Серафин, емисиите на обврзници имаат суштинско значење за овозможување брзи одговори на новите приоритети и предизвици.

– Оваа високо ефикасна алатка постојано ги покажува своите придобивки и за земјите членки на ЕУ и за нашето соседство, додаде Серафин.

Преку издавањето на обврзници, Комисијата позајмува средства на меѓународните пазари на капитал и ги дистрибуира на земјите членки и трети држави партнери. Дел од средствата добиени од емитираните обврзници изминатите години беа наменети за финансиска поддршка во рамки на Инвестицискиот фонд за Западниот Балкан.