Европската Унија планира да го намали увозот на украински земјоделски производи, кажа за Франс прес комесарот на блокот за земјоделство Кристоф Хансен.
„Кризната“ шема која му овозможи на Киев да продава таква роба на блокот без какви било царини завршува во јуни, бидејќи земјите членки повеќе не сакаат да ја продолжат, објасни тој.
Брисел ги суспендираше царините и квотите за украинските земјоделски производи по почетокот на руската инвазија во Украина во февруари 2022. Целта беше да се овозможи испорака на житарките и другите земјоделски производи од Украина на светските пазари. Меѓутоа, овој увоз на крајот ги преплави земјите од источна Европа, што предизвика бранови протести на земјоделците.
Се очекува блокот сега да ја преиспита својата шема за вонредни ситуации, вели Хансен. „Увозните квоти нема да останат исти како во оваа привремена либерализација. Така, што, навистина, ќе има помалку увоз“, додаде тој.
Комесарот ги повика државите членки на блокот да најдат замена пред истекот на рокот. „Разговорите ќе мора да бидат брзи. Европската Унија е спремна да преговара, а тоа би требало да се случи во следните недели“, кажа тој, не откривајќи дали Брисел има конкретни планови за тоа прашање.
Јасно е дека членките на ЕУ не сакаат режимот на слободна трговија за Киев повеќе да се продолжува, истакнува Хансен. „Видовме дека тоа предизвикува проблеми, особено во одделни држави членки“.
Повеќе источноевропски земји, вклучувајќи ги Полска и Бугарија, кои се соочија со најголеми протести на земјоделците, повеќе пати се заканија дека ќе преземат еднострани мерки против украинскиот увоз на земјоделски производи на национално ниво ако нивната загриженост не се реши. Софија повика на целосна забрана на украинските јајца во 2024.
Минатата недела Ројтерс јави дека ЕУ планира нагло да го намали увозот на украински шеќер.
Киев предупреди дека прекинувањето на режимот на слободна трговија би имало тешки последици. „Европската Унија е нашиот клучен трговски партнер и затоа за нас би било навистина штетно да се најдеме во ситуацијата во која бевме пред војната“, кажа украинскиот министер за финансии Сергеј Марченко за Фајненшал тајмс.