Европската унија (ЕУ) проценува дека првиот бран на тарифи на американскиот претседател Доналд Трамп за челик и алуминиум ќе влијае до 28 милијарди евра од извозот на блокот, што би било огромна ескалација на трговските тензии меѓу Брисел и Вашингтон.

Според извори на Bloomberg, количината на стоки – за кои ЕУ проценува дека ќе вклучува и деривати – би била околу четири пати поголема од последниот пат кога Трамп го таргетираше металниот сектор во блокот.

По неговата посета на Вашингтон во петокот, европскиот комесар за трговија Марош Шефчович ги информираше амбасадорите на блокот дека сè е предмет на дискусија и дека деталите и опсегот на можните давачки сè уште може да се променат.

Како дел од неговите напори да ги преработи правилата за глобалната трговија, Трамп најави серија царини, вклучително и давачки од 25 отсто за извозот на челик и алуминиум, кои би можеле да стапат на сила веќе на 12-ти март.

За ЕУ, борбата против американските царини за метали започна во 2018-та година за време на првиот мандат на Трамп, кога САД воведоа царини за европскиот извоз на челик и алуминиум во вредност од речиси 7 милијарди евра, повикувајќи се на размислувања за националната безбедност. Во тоа време, политичарите во Брисел се потсмеваа на идејата дека ЕУ претставува таква закана.

Во ова прво салво, САД ги погодија стоките за челик со тарифи од 25%, а алуминиумот со 10%, додека, исто така, вклучија и ослободувања за некои производи. Bloomberg претходно објави дека овој пат не се планирани исклучоци.

Блокот од 27 нации возврати со таргетирање со одмазднички тарифи за политички чувствителните компании, вклучително и Harley-Davidson Inc и Levi Strauss & Co. Мерките беа применети производ по производ и вклучија земјоделска стока и облека покрај производите од челик и алуминиум.

Двете страни се согласија на привремено примирје во 2021-ва година, кога САД делумно ги укинаа своите мерки и воведоа збир на царински квоти над кои се применуваа давачките за металите, а ЕУ ги замрзна сите свои рестриктивни мерки.

Брисел соопшти дека ќе реагира брзо и пропорционално на американските тарифи и може повторно да ги активира ограничувањата што беа замрзнати како прв чекор. Комисијата подготвува списоци на различни сектори и стоки кои би можеле да бидат таргетирани со царини, со принципот на нанесување поголема штета на американската страна.

Марош Шефчович, кој минатата недела се состана со американскиот секретар за трговија Хауард Лутник, Џејмисон Грир – негов избор за трговски претставник на Вашингтон и директорот на Националниот економски совет Кевин Хасет, рече дека атмосферата е позитивна, но сè уште не се водат преговори на оваа тема.

Комесарот за трговија на ЕУ рече дека ја искористил средбата како прва точка на контакт за да отвори канали за комуникација и да се обиде да ги побие тврдењата на Американците, за кои рече дека се лажни, вклучително и дека европскиот данок на додадена вредност е неправеден кон САД.