Европската комисија одобри државна помош од пет милијарди евра за новата фабрика за микрочипови на компанијата за производство на полупроводници (ESMC) во Дрезден.

ESMC е заедничко вложување помеѓу Taiwan Semiconductor Manufacturing Company (TSMC), Bosch, Infineon и NXP.

„Поддршката за ESMC, одобрена според правилата за државна помош на ЕУ, ќе придонесе за подобрување на европската безбедност на снабдувањето и еластичноста, како и за дигиталниот суверенитет во полупроводничките технологии. Тоа ќе придонесе и за дигиталната и зелената транзиција“, соопшти Европската комисија.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на церемонијата на отворањето на фабриката во Дрезден рече дека новата фабрика ја потврдува Европа како глобална моќ во иновациите, ја зајакнува технолошката отпорност и значи отворање на 11.000 работни места низ Европа.

Се проценува дека изградбата на фабриката ќе чини вкупно десет милијарди евра.

Новата фабрика ќе снабдува чипови со високи перформанси и ќе биде „отворен тип“, што значи дека секој клиент, а не само акционерите на ESMC, ќе може да нарача производство на специфични полупроводници.

Заменик-претседателката на Комисијата задолжена за политиката на конкуренција Маргрете Вестагер рече дека германската државна помош од пет милијарди евра ќе ги зајакне капацитетите за производство на полупроводници во Европа и ќе и помогне на ЕУ во зелената и дигиталната транзиција, како и ќе создаде можности за вработување на висококвалификувани работници.

Таа додаде дека фабриката „отворен тип“ ќе обезбеди пристап до полупроводници на широк спектар на клиенти, вклучувајќи мали бизниси и стартапи.

Германскиот министер за економија Роберт Хабек по одобрувањето на државната помош изјави дека германската влада ќе го задржи брзото темпо на проектот и брзо ќе го заврши одобрувањето на финансирањето.