Ако предлогот претставен од Европската комисија во четвртокот помине, старите, запуштени автомобили повеќе не би можеле да се продаваат надвор од ЕУ и да придонесуваат за несигурност на патиштата и загадување на животната средина во трети земји, туку наместо тоа, ќе мора да се рециклираат.
„Во наредните години на пазарот ќе излегуваат се повеќе автомобили со нулта емисија, што ќе ја зголеми побарувачката за вредни примарни материјали. Денешниот предлог ќе обезбеди рециклирање и повторна употреба на што е можно повеќе од овие материјали, што ќе овозможи нов живот на компонентите на нашите автомобили и значително ќе го намали еколошкиот отпечаток на патниот сообраќај“, рече извршниот потпретседател на Комисијата Франс Тимерманс, одговорен за Европскиот зелен план.
Комисијата предложи регулатива со која би се замениле постојните директиви за возила на крајот на животот и за повторна употреба и рециклирање. Комисијата тврди дека новите регулативи ќе доведат до годишно намалување на емисиите на CO2 од 12,3 милиони тони до 2035 година, подобра валоризација на 5,4 милиони тони материјали и зголемена повторна употреба на клучните суровини. „Спроведувањето на регулативата ќе доведе до долгорочни заштеди на енергија во производствената фаза, намалување на зависноста од увезени суровини и промовирање на одржливи и кружни деловни модели“, наведуваат од Комисијата.
Покрај економските, еколошките и социјалните придобивки за ЕУ, регулативата ќе придонесе за поголема безбедност на патиштата во трети земји преку спречување на извозот на автомобили на крајот на животот и намалување на загадувањето во земјите кои увезуваат такви автомобили. Секоја година, повеќе од шест милиони возила го завршуваат својот животен век во Европа.
Автомобилската индустрија ќе стане најголемиот потрошувач на клучните суровини што се користат во трајните магнети на електронските мотори во Европа. Затоа, зајакнувањето на отпорноста на ЕУ на прекини во синџирот на снабдување и намалувањето на нејзината зависност од увозот на овие суровини е клучно за транзицијата кон возила со нулта емисија.
Според предложената нова регулатива, производителите на автомобили ќе треба да дадат јасни и детални упатства за расклопување на возилата и како да се заменат и отстрануваат деловите и компонентите за време на употребата и на крајот од животниот век на возилото. Најмалку 25 проценти од пластиката во новите автомобили ќе треба да дојде од рециклирање, а од тоа најмалку 25 проценти мора да се рециклираат од возила на крајот на животот.
Опсегот на овие мерки постепено ќе се прошири на нови категории како што се мотоцикли, камиони и автобуси, со што ќе се обезбеди посеопфатна покриеност.
Советот на ЕУ и Европскиот парламент сега одлучуваат за предлогот на Комисијата.