„ЕуроНикел“ ги охрабрува сите останати доверители кои сѐ уште не ги контактирале и не започнале преговори, да стапат во контакт со правните советници, Адвокатското друштво Поленак, за преземање следни чекори.
ГСОЛ, директно и преку неговото македонско друштво „ЕуроНикел“, успешно ја продолжува инвестицијата поврзана со иднината на „Фени Индустри“. Досега се инвестирани над 60 милиони евра во рестартирање на фабриката и откуп на побарувањата кон оваа компанија во тешкотии, со план за дополнителни инвестиции во наредните недели. Производството на фероникел беше обновено на почетокот на март, а вработените, транспортерите и другите добавувачи се вратија на редовните активности.
По објавата минатата недела, „ЕуроНикел„“ пристапи кон комерцијални разговори со необезбедените доверители чии побарувања беа утврдени во стечајната постапка на „Фени“. Повеќе од 80 отсто од вкупниот број необезбедени доверители одговорија позитивно и досега се потпишани договори со поголемиот дел од нив. Првите исплати по потпишаните договори беа направени минатиот четврток и петок, а процесот ќе продолжи од понеделник следната недела.
Покрај необезбедените доверители, ГСОЛ го заврши и преземањето на побарувањата на трите локални банки кон „Фени“, по што во петокот поднесе официјално известување до Судот во Велес дека тие побарувања се преземени и ја потврди намерата за поднесување план за реорганизација, заради континуитет на активностите за производство на фероникел.
„ЕуроНикел“ ги охрабрува сите останати доверители кои сѐ уште не ги контактирале и не започнале преговори, да стапат во контакт со правните советници, Адвокатското друштво Поленак, за преземање следни чекори.
-Ние сме големи оптимисти во врска со динамиката со која се одвиваат работите и брзината со која ги започнуваме позитивните промени во „Фени“. Секоја од овие промени значи чекор напред кон сигурна, продуктивна и профитабилна иднина за комбинатот и колку побрзо ги поместиме активностите на „Фени“ надвор од стечајната постапка, ќе можеме да се посветиме кон засилено производство и пласман на производите на фероникел на европскиот и светскиот пазар. Плаќањето на утврдените обезбедени и необезбедени доверители е еден од клучните чекори во таа насока – рече Маркос Камхис, директор на ГСОЛ, матичната компанија на „ЕуроНикел“, по неговата посета на Скопје.