Финансиската полиција не води истрага за поранешната министерка за финансии Нина Ангеловска, изјави на Надзорната расправа за „Еуростандард банка“ во Собранието, директорот Арафат Муареми. Тој не знаеше дали некоја друга институција го истражува случајот со извлекувањето на нејзините лични средства, непосредно пред затворањето на банката, но истакна дека „ова не значи дека во иднина нема да биде спроведена друга истрага“.
Управата активно работи на овој случај, рече Муареми и побара трпение од јаноста, бидејќи станувало збор за сложена операција.
– Имаме голем број фирми што се предмет на проверка, за еден дел се веќе обезбедени докази, а други се на листата за кои треба да се обезбедат докази. Со оглед на фактот дека се работи за материјални докази, се сомневам дека случајот набрзо ќе добие завршница – истакна Муареми.
Блажо Трендафилов, директор на Управата за финансиско разузнување, пред присутните на расправата откри дека во 2017 година имало едно известување за сомнителна финансиска активност во „Еуростандард банка“. Во 2018 година, според Трендафилов имало 5, а во 2019 година дури 7 вакви известувања. Според Трендафилов, Управата испратила четири известувања до странски разузнувачки служби, а банката се нашла на два светски сајтови со предупредувања „дека отворила сметки на офшор компании“.