Почитувани читатели, изминаа речиси 40 месеци од носењето на Еуростандард банка во стечај, за кој сум длабоко убеден дека немаше причини да се случи на толку низок и недостоинствен начин.
Во изминатиот период пишував секоја недела со факти дека стечајот беше неправеден. Најповиканата институција, која треба да го брани мојот и интересот на моите сограѓани, е Јавното обвинителство.
Никако не можам да го разберам молкот на Јавното обвинителство за недоследностите од страна на институциите: Народна банка, Техничка Влада на Република Македонија и Собрание на Република Македонија.
Молкот на оваа институција е единствениот одговор. Истражната постапка која требаше да се заврши во првите 18 месеци, денес сѐ уште трае, иако веќе изминаа 36 месеци.
Лично мене и на моето семејство ваквиот непрофесионален однос на институциите ни нанесе огромна штета.
Блокиран имот, без можности за стопанисување е перфиден начин за наше уништување.
Со вашите постапки изгубивме три пати поголем капитал отколку капиталот во банката.
Вака само потврдувате една сурова реалност дека во Македонија владее криминал и корупција, засилена со неразбирлива суетност на луѓе болни од злоба и завист.
Ве уверувам, нема да нѐ уништите, бидејќи ние како семејство умееме и да се бориме, избориме и да победиме.
Она што ме загрижува е молкот на сите политички субјекти и од власт и од опозиција. До денес ниту една партија не покажа интерес да се запознае со вистината.
„Надежта умира последна” – барем така вели мудроста.
Почитувани читатели, свесен сум дека со мојата борба отварам фронт на многу лични борби кои ги имате и вие со нашиот систем. Нефункционалноста на институциите во целиот систем на државата е прашање кое нас граѓаните нѐ загрижува, бидејќи со криминалот и корупцијата не оставаме простор за идните поколенија својата иднина да ја градат во сопствената држава.
Грешка не е што си ја сакам својата татковина и мојот народ, тука победува љубовта. Единствена грешка во мојот живот е мојата одлука да капиталот стекнат во светот го донесам и го инвестирам во нашата држава.
И денес не можам да одговорам на прашањето „зошто ова се случува”? Не можам да го разберам поривот да се „јадат” сопствените деца.
Повторно се навраќам на надежта, дека еден ден оваа денешна реалност ќе биде минато. Не сакам да си дозволам да размислувам во насока ,,правдата ја земам во свои раце”.
Трифун Костовски