Почитувани следачи, ви пренесуваме интегрално писмо од млада земјоделка кое беше испратено до редакцијата на БанкоМетар.мк , во кое ќе видите каков грабеж им се врши на оние земјоделци, кои сакаат да пробаат преку консултанти од ВФП да аплицираат за ИПАРД фондови и да продолжат да се занимаваат со земјоделство или да купат нова механизација или да го прошират производството.
Дописот го пренесуваме интегрално и во целост:
„Здраво, би сакала да се обратам за еден голем проблем кој ми настана со консултантите на ВФП и начинот на кој работат. Јас не знам како оваа држава, со вакви консултанти мисли да им помага на земјоделците? Исто така не знам дали некој води грижа за начинот на кој што тие работат и колку наплаќаат?
Јас сум земјоделка од 42 години и имам неколку хектари земја кои ги обработувам. Од разговори со други земјоделци разбрав дека можам да искористам мерка ИПАРД и да купам трактор и некоја придружна механизација за да можам полесно и повеќе да работам. Но тие исто така ми посочија дека е комплицирано и да најдам консултант.
Преку некои канали најдов број од консултант, кој после неколку состаноци разбрав дека е консултант од ВФП, отпрвин тие не кажуваат од каде се консултанти.
Прво за да отпочнела процедурата и да почнеле да се бават со мојот предмет ми побараа 7000 денари (ви испраќам слика од уплатницата). Реков во ред, можда таков е редот и уплатив.
Потоа почнавме со состаноци на кои инсистираа да земам прво кредит, за да го купам тракторот. Но јас им кажав дека имам пари да го купам тракторот и дека не ми треба кредит. Така се убедувавме 2 месеци и 4 состаноци, за да се откажат од барањето да земам кредит.
Потоа, почнаа да ме убедуваат да земам и опрема што не ми треба за да износот дошол над 20.000 евра, што мене реално не ми беше потребно. Но на тоа инсистираа па додадов на крај и некој фрези и плугови за да дојде износот над 20.000 евра.
Потоа, ми побараа имотни листови од нивите, кои ги истадов за цена од 2.500 денари. Овој трошок не ми го кажаа, но ајде реков и за ова премолчив, ако треба- а треба – нема проблем.
Потоа ме тераа јас да си најдам понуди за трактори и механизација. Тогаш почнаа кавгите. Јас им кажав дека ги ангажирав консултантите за тие да дадат некои понуди и подобри опции пошо имаат искуство, но тие ми рекоа сама да ја бркам оваа работа. Ајде и тоа почнав да го правам да собирам понуди за трактори и друга механизација.
На крај, за нивната консултација, ми дадоа еден лист, каде наводно напишале бизнис предлог, срамота е да се покаже што напишале и толку беше за тие 7.000 денари.
Кога дојде време да се аплицира, ми викаат сега извади нови имотни листови, пошто овие биле стари (над 2 месеци) и повторно морав да извадам нови за апликацијата и нови 2.500 денари. Ајде реков, се фатив на оро, тоа е…
Тамам да ја поднесат апликацијата и кога мислев дека е се готово, ми викаат на последниот состанок, слушај – во случај на одобрение на ИПАРДОВ нас ќе треба да ни дадеш 8% од вкупниот износ. Не ми беше јасно и не ми се веруваше што зборуваат. При мои пари, 20.000 евра кои ќе ги платам однапред, сега за ништо треба и нив да им дадам потоа 1.600 евра. Практично за ништо.
И пред тоа што платив 200 евра ( 7.000 денари за почеток и 5.000 денари за имотни листови), сега треба уште 1.600 евра да дадам на гладно срце за нив.
А пазите, јас ги имам тие 20.000 евра за трактор и само барам да ми се одобри ИПАРД, како на сите други. И сега излезе нов трошок од 1.600 евра од нигде никаде.
Јас не прифатив, се откажав од апликацијата но сум многу огорчена од начинот и лажењето, бидејќи за овие 8% ми кажаа на крај, пред свршен чин, кога немаше повлекување.
Јас не знам како е дозволено да наплаќаат 8%. Секаде низ светот за вакви услуги (истражив на Интернет) се наплаќаат од 1 до 2%. Овде било 8%. Плус тоа, тие сигурно наплаќаат и процент на кредитот кој ми го нудеа 2 месеци, така да ќе им испадне нив 15% наплата.
Ова е грабеж врз земјоделците и со вакви хохштаплери неможе да има земјоделие.
Отидов во регионалната канцеларија за земјоделство, таму ми викаат најди консултант. Тие не знаеле за ИПАРД. Џабе седат таму и земаат плата. И така се откажав од купувањето на тракторот и изгубив многу време, живци и 200 евра.
Сакам да апелирам до другите земјоделци да се фаќаат работа со овие преваранти и хохштаплери од ВФП бидејќи до крај трошоците не ги кажуваат и те манипулираат.
Инаку, само за да е појасно, то се деца од Велес, или од Скопје, од 25-26 години, кој им дал лиценца не знам, и се многу вешти во лажењето.
Земјоделци не наседнувајте, од искуство ви кажувам и не знам каде да се обратам, затоа вас ви пишувам и барам да се објави ова!
Поздрав“
Во прилог и некои слики кои ни ги прати госпоѓата, која сакаше да остане анонимна: