Во текот на јануари 2024 или на почеток на февруари се очекува да пристигнат парите од Мој ДДВ на сметките на граѓаните кои скенираат фискални.
Се работи за исплата на повратокот од данок преку проектот Мој ДДВ за октомври, ноември и декември минатата година.
Според Законот УЈП средствата треба да ги исплати во рок од 60 дена од завршувањето на тромесечието.
Проектот „МојДДВ“ како еден од најуспешните, го оправда своето постоење. За нешто повеќе четири години од спроведувањето на оваа мерка, преку „МојДДВ“ на сметките на граѓаните се слеале безмалку 120 милиони евра.
Тоа се сериозни пари кои се директно исплатени на сметките на граѓаните и позитивно влијае врз семејните буџети кај повеќе од 500.000 корисници на оваа мерка.
Во семејство со двајца корисници – плус 16.800 денари годишно во семејниот буџет
Од јануари 2023 година се зголеми прагот на враќање на дел ДДВ-то изразено во фискалните сметки, од 1.800 денари за едно тромесечје, на 2.100 денари, односно 8.400 денари годишно по корисник.
Граѓаните кои скенираат фискални сметки во едно тромесечје може да остварат максимален износ од 2.100 денари по корисник. За цела една година тоа се 8.400 денари по корисник.
Доколку во едно семејство има двајца корисници на оваа мерка, тоа се 16.800 денари во семејниот буџет во текот на една година.
Освен дополнителниот приход за корисниците, оваа мерка има и позитивен ефект во намалувањето на сивата економија. Се повеќе граѓани бараат фискални сметки од бизнисите. Евидентиран е зголемен број на пријави од страна на граѓаните за неиздавање на фискални сметки.