Европејците се едни од најголемите штедачи во светот, но многу од нивните заштеди се наоѓаат на депозитни сметки со ниска камата, а во исто време Европа води борба за задоволување на своите инвестициски потреби, порача еврокомесарката за финансиска стабилност, финансиски услуги и Унијата на пазари на капитал, Марија Луис Албукерки, при промоција на Стратегијата за Унија за штедење и инвестиции.

– Со Унијата за штедење и инвестиции, можеме да создадеме значаен циклус во корист и на граѓаните и на компаниите, помагајќи им на Европејците да добијат поголем поврат од нивните тешко заработени заштеди, а истовремено да обезбедиме значителни инвестиции во економијата, оцени Албукерки.

Според неа, за остварување на овие цели постојат одредени бариери и токму оваа стратегија за Унијата за штедење и инвестиции треба да претставува патоказ за нивно надминување.

Стратегијата за Унија за штедење и инвестиции (СИУ), што вчера ја усвои Европската комисија, е замислена како клучна иницијатива за подобрување на начинот на кој финансискиот систем на ЕУ ќе ги канализира заштедите кон продуктивни инвестиции. На овој начин на граѓаните на ЕУ ќе им се овозможи поголем пристап до пазарите на капитал, како и подобри опции за финансирање на компаниите, што од една страна може да го поттикне богатството на граѓаните, а од друга да го поттикне економскиот раст и конкурентноста на Унијата.

Според расположливите податоци, вкупните штедни влогови на европските граѓани изнесуваат околу 10.000 милијарди евра, кои според идејата на СИУ, би требало да се пренасочат во инвестиции, од кои профитот би бил поголем од оној што се добива со каматите на заштедите.

– Поголемите инвестиции ја поддржуваат реалната економија, овозможувајќи им на компаниите низ Европа да растат и да напредуваат. Ова може да создаде подобри работни места со поконкурентни плати за европските работници и да ги поттикне инвестициите и растот во сите економски сектори, порача ЕК.

Според Комисијата, СИУ има за цел и да ја подобри интеграцијата и конкурентноста на банкарскиот сектор на ЕУ, вклучително и преку зајакнување на Банкарската унија.