Европската банка за обнова и развој преку програмата „Зелени градови“ е подготвена да финансира еколошки проекти во скопските општини кои наскоро би требало да бидат определени. За оваа цел претставници од оваа програма наскоро ќе се сретнат со претставници на Владата, Градот Скопје и на скопските општини на кои ќе им ги објаснат можностите за финансирање на одредени проекти.
-Целта на состанокот е да се разговара за еколошките предизвици на општинско ниво, преку имплементација на проекти во секторите, вклучувајќи јавен транспорт, градење на енергетска ефикасност, менаџирање на вода и отпадна вода, цврст отпад, општинско греење, општински енергетски систем, улично осветлување и патишта, информираат од ЕБОР.
До сега Градот Скопје преку Акцискиот план за зелен град, развиен со помош на ЕБОР, има инвестирано во еколошки автобуси со цел да се справи со загадувањето на воздухот, а планира да направи подобрувања на системот за прочистување на отпадните води. Скопје се приклучи кон оваа програма на ЕБОР во март 2019 а ќе биде првиот град кој ќе развие Акциски план и ќе помогне во идентификување, приоритизирање и справување со најважните еколошки предизвици.
Програмата „Зелени градови“ е вредна 950 милиони евра, а ЕБОР се стреми да го зголеми обемот на финансирање во зелени проекти до 40 проценти од годишното инвестирање до 2020 година.