Софија се заканува дека од Нова година ќе го запре протокот на руски гас кон Србија (и кон Европа) доколку енергетскиот гигант „Газпром“ не се изјасни како ќе го плаќа транзитот на гас, односно плаќањата на „Газпром“ да не одат преку Газпромбанк, бидејќи банката е под санкции на САД. За Европа се прогнозира дека е на праг на остра зима со почетокот на 2025 година. А токму деновиве се отвора спирала на неодговорени прашања и дилеми чии одговори повеќе прилегаат на „можна енергетска криза од невидени размери“… Зошто?

Имено, американските санкции против Газпромбанк (што важат од 20 декември) предизвикаа сѐ погласни изјави (и најави) од „Газпром“ (но и од Киев) дека „на 1 јануари 2025 година протокот на сибирски гас ќе престане до преостанатите клиенти од западната страна на Урал“! Во еден таков контекст на најавен тек на настаните (на кои, патем речено, Европа тешко може да влијае), во случај на „украински прекин“ на протокот на сибирски гас, практично Бугарија останува единствената маршрута преку која рускиот енергент сè уште ќе може да стигне до европскиот континент преку гасовод.

Кои држави се на удар?

Меѓу клиентите на „Газпром“ во Европа, Србија е, се чини, првиот погоден од новиот енергетски статус на Бугарија, а нема баш многу време за да се реши прашањето, истакнуваат енергетичарите.
– Бугарија би можела од почетокот на новата година да го запре транзитот на руски гас за Србија во „Јужен тек“ доколку „Газпром“ не ги плати транзитните обврски во согласност со американските санкции против Газпромбанк – изјави за бугарската јавност бугарскиот министер за енергетика Владимир Малинов.
Имено, влегувањето на Бугарија во новата енергетска драма со која сега се соочува Европа (а не само земјите на ЕУ) е од 21 ноември, кога администрацијата на Бајден воведе санкции против Газпромбанк. Оттогаш почна да се генерира оваа криза, а некои земји како на пример Унгарија и Србија се витално загрозени, а и најсилно заинтересирани да се премости проблемот. Според „Блумберг“, живо заинтересиран е и Брисел за тоа како да продолжи снабдувањето на гас преку „Јужен тек“, а да не се конфронтира со САД, бидејќи Вашингтон ѝ наметна санкции на Газпромбанк, па преку неа не можат да течат санкциите, но прашањето е сега која банка (држава) ќе се осмели да ги прекрши санкциите на САД?! Значи, повеќе европски држави, вклучувајќи ја и ЕУ, се во очајничка потрага да најдат решение и начин што нема да ги загрозат американските санкции. Останува да се види која банка во светот ќе се согласи да посредува во финансиските трансакции со руска банка што е под американски санкции. (Покрај сето ова, тука се и неодамнешните одделни писма од Анкара и Будимпешта до Вашингтон, со барање тие да бидат изземени од режимот на санкции против „Газпром“, како и интензивните преговори на Белград со руските енергетски партнери за да се обезбеди дополнително снабдување од март следната година.)

Администрацијата на Бајден со уште едно сценарио како да ја доведе Европа во состојба на нови сериозни енергетски неизвесности

Со санкциите против Газпромбанк, администрацијата на Бајден најде нов начин да ја доведе Европа во состојба на нови сериозни енергетски неизвесности во момент на рекорден извоз на сè поскап американски ЛНГ во Европа. Заклучно со ноември, седум од 10 американски танкери за ЛНГ го превезуваа својот енергент во Европа (поскапо, се разбира), така што увозот од терминалите за гас во САД се зголеми од околу 7,56 милиони метрички тони на околу 7,75 милиони MMT. Така, на крајот на ноември Вашингтон ја стави под санкции единствената руска банка (и нејзините филијали во Хонгконг, Луксембург, Швајцарија, Јужноафриканската Република и Кипар), преку која традиционално со години одеа плаќањата за енергија на европските клиенти.
За споменување е информацијата дека на крајот на минатата недела Кремљ повлече уште еден потег на глобалната шаховска табла. Имено, шефот на Кремљ го откажа својот указ од март 2022 година, според кој купувачите на сибирски гас од според нив „непријателски земји“ можат да продолжат да плаќаат за овој енергетски производ само во рубли и преку наменски К-сметки во Газпромбанк. Новиот пристап на Москва предвидува две опции за меѓусебни спогодби. Првиот е исплати на „овластени банки со финансии во рубли, добиени од трети страни за купување руски гас“, додека вториот претпоставува дека обврската за плаќање може да се прекине „целосно или делумно, во зависност од барањето на доставувачот“. Во исто време, пребивањето (во врска со противтужбата) може да биде форма на безготовинско меѓусебно порамнување или отплата на еднакви износи на меѓусебните обврски за плаќање, соопшти Кремљ.

По кој пат ќе пристигне рускиот гас од 20 декември?

Официјална Софија го извади „Газпром“ на „бучка“. Од една страна, „Газпром“ претходно со „Булгартрансгас“ го резервира користењето на лавовскиот дел од волуменскиот проток во рамките на „Јужен тек“, и тоа до 2039 година (Турција се снабдува од другиот крак на гасоводот). За напомена е дека Москва ги платила сите транзитни обврски, заклучно со ноември.
Инаку, Бугарија инкасирала околу 750 милиони американски долари од транзитот на рускиот гас на нејзина територија од почетокот на 2022 година. Оваа информација ја публикува реномираниот медиум „Блумберг“.
Бугарскиот министер за енергетика Владимир Малинов одби да одговори на прашањето од медиумите за тоа што ќе биде со проектираните приходи на „Булгартрансгас“ во случај на прекин на работата со „Газпром“, како и прашањето како „Булгартрансгас“ има намера да му плати на „Газпром“ околу 250 милиони евра долг за изградба на инфраструктурата „Јужен тек“.
Кој е следниот потег на „Газпром“ во однос на барањето на Софија е неизвесно. Наедно, неизвесно е и како Вашингтон би можел да реагира на официјалните барања на Анкара и Будимпешта за изземање во врска со рускиот гас. Истовремено, дали од Вашингтон би можеле да го прифатат предлогот на Брисел „филијалата на Газпромбанк во Луксембург и понатаму да остане оперативен финансиски канал за европските набавки на енергија“?
Во такви неизвесности, Молдавија односно официјален Кишињев вчера предложи воведување „вонредна енергетска состојба“, поради неизвесното снабдување преку Украина. Во исто време, Петер Сијарто, шефот на унгарската дипломатија, предупредува дека американските санкции против Газпромбанк може, поради компликации во врска со плаќањето, да имаат многу негативни последици за снабдувањето со енергија „во поширокиот регион“.