Економијата на еврозоната оваа и следната година ќе расте побавно отколку што досега се очекуваше, објави Европската комисија.
Ова ќе се случи поради тоа што побарувачката на потрошувачите трпи поради високата инфлација, а најголемата економија на Европската Унија, Германија, ќе падне во рецесија.
Во своите преодни прогнози за бруто домашниот производ (БДП) и инфлацијата за петте најголеми економии на еврозоната, ЕК кажа дека БДП на еврозоната ќе порасне за 0,8 отсто во 2023 и 1,3 отсто во 2024 година, во споредба со мајската прогноза од 1,1 отсто и 1,6 отсто.
Слабоста на домашната побарувачка, а особено трошењето, покажува дека високите и сè уште покачени цени на повеќето добра и услуги земаат поголем данок отколку што се очекувало во пролетната прогноза, објави ЕК.
И тоа и покрај падот на цените на енергенсите и силниот пазар на труд кој бележи рекордно ниска стапка на невработеност, постојан раст на вработеноста и раст на платите, се наведува во соопштението.
Европската комисија прогнозираше инфлација во Еврозоната од 5,6 отсто во 2023 и 2,9 отсто во 2024, што е значително над целта на Европската централна банка од два отсто. Инфлацијата оваа година би можела да биде пониска од мајската прогноза од 5,8 отсто, но повисока во 2024 од претходно прогнозираните 2,8 отсто.
Најголемата европска економија, Германија, оваа година ќе забележи економски пад од 0,4 отсто, предвидува ЕК, ревидирајќи ја претходната прогноза за раст од мај од 0,2 отсто. Германскиот раст за следната година е ревидиран од 1,4 на 1,1 отсто.
Италија и Холандија исто така ќе растат поспоро оваа година, објави Европската комисија, прогнозирајќи раст на БДП од 0,9 отсто, односно 0,5 отсто, што е пад од претходните проценки од 1,2 отсто, односно 1,8 отсто.
Меѓутоа, Франција и Шпанија во 2023 ќе пораснат повеќе од претходно очекуваното, со предвиден раст од 1,0 отсто и 2,2 отсто наместо претходно очекуваните 0,7 и 1.9 отсто.