Речиси е невозможно да се најде стан за изнајмување во многу европски градови. Во Париз, треба да барате повеќе од шест месеци за да најдете наместен гарсоњера Цените на изнајмувањето во француската престолнина пораснаа за еден отсто во третиот квартал од оваа година, покажуваат податоците на агенцијата за недвижности Lodgis, пишува Euronews.
Овој благ раст може да се објасни со фактот дека кириите во Париз се ограничени од 2019 година.
Во другите големи француски градови, зголемувањето беше многу поголемо: над 10 отсто во Бордо и речиси 15 отсто во Екс-ан-Прованс.
„Кризата за домување се влошува и побарувачката постојано расте“, рече Алексис Албан, претседател на Lodgis.
„Гледаме и враќање на меѓународни станари, студенти и мобилни професионалци кои продолжуваат да избираат долгорочно изнајмување на опремени имоти“, додаде Албан.
Речиси три четвртини од професионалци пријавиле намалување на бројот на станови достапни за изнајмување во споредба со минатата година, според информациите на Француската национална федерација за недвижности (FNAIM).
Напнатоста на пазарот за изнајмување дополнително се зголеми поради Олимписките игри во 2024 година, кога во Париз ќе се појават голем број посетители, волонтери и тимови. Владата се соочи со критики кога одлучи да исели повеќе од 2.000 студенти од станови под контрола на киријата за да го сместат олимпискиот персонал во текот на летото. Париз не е единствениот европски град кој се соочува со сериозен недостиг на недвижнини.
Во Лондон просечната кирија за еднособен стан во центарот чини речиси 2.500 евра месечно. Во Амстердам тоа е повеќе од 1.500 евра месечно.
Под притисок од станбената криза, градските власти во Виена, Париз, Амстердам и други градови одлучија да ги спречат изнајмувањата како Airbnb, кои се сметаат за одговорни за недостигот на достапни имоти на пазарот.
Берлин ја укина забраната за Airbnb, но строгите правила – со високи казни – остануваат на сила.
Друго решение е да се оданочат празните станови за да се поттикнат станоиздавачите да ги издаваат.
Шпанија и Франција тргнаа по тој пат. Од другата страна на Атлантикот, Ванкувер во Канада и Вашингтон во САД усвоија слични мерки, а Сан Франциско и Хонолулу ја разгледуваат истата опција.