Европската Унија ќе започне засилено да вложува во воената индустрија. Брисел усвои нова одбранбена стратегија преку која ќе ги стимулира компаниите што произведуваат оружје. Еврокомесарот Жозеп Борел ја оправда новата мерка со руската инвазија во Украина, а земјата исто така ќе биде вклучена во Стратегијата.
„Банкнотата е бескорисна во војната. Треба да се пренаменат финансиските капацитети во индустриските капацитети за да можете да понудите ресурси. Сето она што ни ги зголемува одбранбените капацитети е корисно и за Украина“, рече Борел.
За тоа дали и како Македонија би се приклучила кон новата Стратегија на Унијата, министерката за одбрана Славјанка Петровска одговори дека во земјава имаме единствено фабрика за муниција. Сепак, како што додаде, за сите компании кои би сакале да произведуваат оружје, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, како и Управата за наменско производство подготвуваат некој вид на субвенции.
„Инвестициите во одбранбената индустрија се многу предизвикувачки и оттука на домашните компании кои ќе сакаат да инвестираат во овој навистина значаен сегмент за одбраната на државата и НАТО Алијансата сме подготвени да им понудиме поддршка“, рече Петровска.
Според Петровска, одбраната не смее да биде изненадена.
„Не гледаме засега некои посериозни предизвикувачки моменти или закани по безбедноста“, додава Петровска.
Од Европската Комисија истакнаа дека се издвоени 1,5 милијарди евра од буџетот на ЕУ во периодот од 2025 до 2027 година за да се осигура дека одбранбените производи ќе бидат навремено достапни.