Со 1,7 милиони евра, поддршка од Брисел ќе се градат мали системи за наводнување во Македонија. Локациите сè уште не се утврдени, но ќе се постават на осум места на површина од 300 хектари. Се очекува со проектот да се зголеми конкурентноста на земјоделството и да се ублажат негативните ефекти од климатските промени.
Од Европската унија велат дека аграрот е еден од секторите кои се најчувствителни на климатските промени. Поради сушата, многу региони може да бидат погодени, а тоа подразбира големи загуби за земјоделците.
Со Националната програма за земјоделство и рурален развој се планира зголемување на потенцијалот за наводнување на 250 илјади хектари во наредните 15 до 20 години, преку рехабилитација на постоечките и изградба на нови системи за наводнување.