Голем број европски банки се соочуваат со финансиски притисок поради загриженоста за нивната изложеност на турската економска криза.

 

Шпанската Банко Билбао Аргентариа, француската Парибас, и британската Хонгконг и Шангај Банкинг корпорејшн ХСБЦ се меѓу банките кои забележаа пад на акциите, во време кога се интензивира дипломатскиот спор меѓу САД и Турција.

Претходно, американската администрација двојно ги зголеми тарифите за турски производи од челик на 50 насто и на алуминиум на 20 насто, поради одбивањето на Турција да го ослободи американскиот пастор Ендру Брансон, кој е обвинет за шпионажа и тероризам во Турција.

Американските санкции врз Турција ја урнаа вредноста на турската лира. Тоа донесе голема загриженост за европските банки, бидејќи некои од нив имаат удели во турските финансиски институции.

Некои пак, најверојатно ќе мора да ги отпишат кредитите што ги дале за бизнис зделки во Турција.

Сама по себе турската економска криза не мора да биде огромен проблем, но работата е во тоа што доаѓа во време кога европскиот банкарски сектор не е во најдобра кондиција.

„Тоа се решава, но кога ќе го ставите во контекст на слабоста во секторот во Европа како целина, тоа е друга работа врз која нашите инвеститори навистина не сакаат да се фокусираат премногу“, вели Мајкл Хјусон, берзански аналитичар.

Тоа не мора да значи дека ако економските проблеми на Турција продолжат, тоа ќе предизвика пад на европските банки.

Но, геополитичкиот фактор во економските прашања на Турција обезбедува дополнителен елемент на сомневање кај инвеститорите.

Тие пак, тешко можат да ги предвидат следните пресврти во дипломатски спор меѓу Турција и САД. И дури и ако не е на повидок нова финансиска криза во рамките на еврозоната, европската економија сепак може да ги почувствува последиците од турската економска криза.

„Ако тие мора да издвојат дополнителни заеми во услови на непредвидливост, тогаш нема да можат да позајмуваат во широката економија, и затоа тоа значи дека имаат помалку пари да финансираат нови бизнис кредити што може да влијае врз европскиот раст“, вели Хјусон.

 

Линк : Слободна Европа