Европските централни банки решија повеќе да не го поддржуваат 20-годишниот договор за координирање на продажбата на злато, истакнувајќи дека не планираат да продаваат големи количини на овој скапоцен метал.

Договорот беше потпишан во 1999 година за ограничување на продажбата на злато и да се помогне во стабилизирање на пазарот за овој метал, бидејќи спорадичната продажба во 90-тите години обично се одвиваше зад затворените врати на европските централни банки, од кои некои имаат големи резерви на злато и со тоа влијаеше на цената на златото и ја поткопа стабилноста на пазарот.

„Потписниците потврдуваат дека златото останува важен елемент на глобалните монетарни резерви бидејќи продолжува да има корист од диверзификација на средствата и никој од потписниците не планира да продаде значителни количини на злато“, се вели во соопштението на Европската централна банка (ЕЦБ).

Договорот првично беше потпишан од 15 европски централни банки, со тоа што бројот на потписниците подоцна се прошири на 22, а целта на договорот беше да се ограничат количините што една банка може да ги продаде во текот на годината. Во текот на две децении, цените на златото се искачија од вредност од околу 300 американски долари за унца, до максимум 2000 УСД во 2011 година. Во меѓувреме, сегашната цена од 1.400 американски долари за унца не се смени по оваа банкарска објава.

Најновата верзија на договорот беше во сила до 24 септември лани.

„Тоа е вистинската одлука“, рече Натали Демпстер од Светскиот совет за злато.

„Најголемата промена е во однесувањето на централните банки. Додека во 1999 година продадоа 500 тони злато, минатата година тие купија рекордни количини “, вели Демпстер.

Според Светската банка за злато, централните банки минатата година купиле 651 тон злато во вредност од скоро 30 милијарди американски долари, а најголем удел во откупот имаат Полска и Унгарија, пренесува „Спутник“.

 

Забрането превземање на содржината без претходно одобрение од редакцијата на БанкоМетар.мк