Европските берзански индекси денес се мешани, цените на нафтата и златото паднаа, додека инвеститорите ги анализираат најновите извештаи за заработка од големите компании.

Нафтениот гигант БП забележа пад на профитот од 49 проценти во првиот квартал поради пониските цени на суровата нафта, ХСБЦ ги надмина очекувањата за профит и објави откуп на акции за 3 милијарди долари, додека профитот на Дојче Банк порасна за 39 проценти на годишно ниво, објавува CNBC.

Производителите на автомобили „Порше“ и „Волво“ ги намалија своите прогнози за годината поради влијанието на царините, а „Луфтханза“ објави мал пад на приходите и предупреди дека тензиите во САД би можеле да влијаат врз побарувачката.

Профитот на „Адидас“ расте, но царините ги замаглуваат целокупните изгледи, па затоа германскиот производител на спортски обувки и опрема објави зголемување на цените во САД.

Инвеститорите внимателно ќе ги следат податоците за бруто-домашниот производ и инфлацијата на Франција и Германија во среда, а четири од седумте американски компании од „Величествените седум“ – Амазон, Епл, Мета и Мајкрософт – ќе ги објават своите извештаи за заработка оваа недела. Покрај тоа, значајни компании како што се „Виза“, „Кока-Кола“, „Ели Лили“ и „Беркшир Хатавеј“ ќе ги објават своите резултати.

Денес во 9:15 часот наутро, индексот DAX на Франкфуртската берза порасна за 0,57 проценти на 22.386,50 поени, францускиот CAC 40 за 0,13 проценти на 7.583,42 поени, додека британскиот FTSE 100 падна за 0,11 проценти на 8.408,64 поени, а московскиот MOEX за 1,59 на 2.987,33 поени.

Вредноста на американскиот берзански индекс Дау Џонс порасна за 0,28 проценти на 40.227,59 поени пред денешното отворање, индексот S&P 500 за 0,06 проценти на 5.528,75 поени, а вредноста на индексот Nasdaq падна за 1,26 проценти на 17.366,13 поени.

Европските фјучерси за гас за мај беа продадени на отворањето на берзата TTF по цена од 31,805 евра за мегават-час.

Според моменталните податоци од берзата, цената на суровата нафта падна на 61.360 долари, а цената на нафтата од типот Брент на 65.137 долари.

Цената на златото падна на 3.212,78 долари за унца, а цената на пченицата се искачи на 5,1857 долари за бушел (еден бушел е еднаков на 27,216 кг). Вредноста на еврото во однос на доларот на берзата Форекс е 1,13977, што е за 0,20 проценти помалку од вредностите од вчерашното тргување.