Европските берзи утрово паднаа шести ден по ред, бидејќи инвеститорите стравуваат дека порастот на цената на нафтата ќе ги попречи напорите на централните банки да ја ограничат инфлацијата и поради забавувањето на глобалниот економски раст.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во 9 часот и 30 минути беше во минус за 0,6 отсто, слабеејќи шести ден по ред.
Утринава лондонскиот FTSE индекс се лизна за 0,79 отсто, на 7.378 поени, додека франкфуртски DAX ослабе за 0,51 отсто, на 15.690 поени, а париски CAC 0,75 отсто, на 7.200 поени.
Цените на акциите паднаа и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичкиот регион, со исклучок на Јапонија, околу 09:30 часот беше намален за околу 0,5 отсто, слабеејќи втор ден по ред.
Во исто време, индексот Никеи порасна за 0,6 отсто на берзата во Токио, додека цените на акциите во Шангај пораснаа за 0,2 отсто. Во Хонг Конг, Јужна Кореја и Австралија тие се лизнаа меѓу 0,4 и 0,7 отсто.
Инвеститорите се воздржани бидејќи сите најнови податоци укажуваат на забавување на растот на најголемите светски економии.
Во вторникот беше објавено дека активноста во услужниот сектор на Кина забележа најслаб раст во последните осум месеци во август поради слабата домашна побарувачка.
Вчера беше објавено и дека производствената активност забавува во Германија, Британија и еврозоната, додека активноста во услужниот сектор е намалена.
„Кинеската економија е послаба од очекуваното. Иако властите ги олабавуваат регулативите за да го стимулираат растот, големото прашање е дали тоа е доволно“, вели Редмонд Вонг, стратег во Saxo Markets.
Тој додава и дека макроекономските податоци од Европа се прилично слаби.
„Веруваме дека сè уште е можна блага рецесија во САД и Европа на крајот на оваа година или почетокот на следната година“, вели Вонг.
Инвеститорите ги потресе и вчерашниот пад на Волстрит. Dow Jones загуби 0,6 отсто, додека S&P 500 се лизна за 0,4 отсто, а Nasdaq индексот 0,1 отсто.
По одморот во понеделникот, новата работна недела на најголемата светска берза започна со пад на цените на акциите.
Минатата недела берзанските индекси силно пораснаа бидејќи инвеститорите заклучија дека ФЕД нема дополнително да ги зголемува каматните стапки, имајќи предвид дека американската економија и пазарот на труд „се ладат“.
Сепак, по продолжениот викенд, ентузијазмот исчезна.
Се уште се верува дека ФЕД нема дополнително да ги зголеми каматните стапки во септември, но не е сигурно дека тоа нема да го направи во наредните месеци.
Имено, економијата покажува значителна отпорност, а цените на нафтата, која е еден од главните двигатели на инфлацијата, значително се зголемуваат во последните недели, а вчера достигнаа највисоки нивоа од ноември минатата година.
Накратко, се верува дека ФЕД ќе ги задржи каматните стапки непроменети некое време и ќе чека дополнителни макроекономски податоци да покажат дали инфлациските притисоци продолжуваат да се намалуваат.
Во меѓувреме, приносите на државните обврзници повторно растат.
„Една од причините за падот на цените на акциите е тоа што каматните стапки продолжуваат да растат, така што обврзниците се добра алтернатива за акциите. Покрај тоа, зголемувањето на цената на нафтата е пречка за напорите на ФЕД да ја намали инфлацијата до целта од 2 отсто“, објаснува Пол Нолте, стратег во Марфи и Силвест Велт Менаџмент.
Со други зборови, сè уште има отворени прашања за тоа дали ФЕД ќе ги зголеми каматните стапки уште неколку пати и колку долго ќе ги држи на покачени нивоа.
Затоа, во наредниот период насоката на пазарот најмногу ќе зависи од шпекулациите за овие прашања.