Европските берзански индекси денеска се во пораст и почнаа да закрепнуваат од вчерашниот пад, додека американските индекси се уште се под притисок поради големиот пад на цените на акциите.

Според податоците на берзата, цената на суровата нафта се искачи на 73.523 долари, а на нафтата од типот „брент“ на 76.709 долари.
Европските фјучерси на гас се продаваа на отворањето на берзата ТТФ по цена од 36 евра за мегават-час.
Цената на златото падна на 2404,65 долари за унца, а на пченицата на 5,3416 долари за бушел (бушел е еднаков на 27,216 кг).

Вредноста на еврото во однос на доларот изнесуваше 1,09357, што е за околу 0,14 отсто помалку од понеделникот.

Главната причина за големата распродажба на акциите на светските пазари е стравот дека американската централна банка, ФЕД, доцни со намалување на каматните стапки и дека не успеа да го спречи забавувањето на американската економија, наведува Блумберг.

Индексот DAX на Франкфуртската берза денеска во 9:30 часот порасна на 17.390,65 поени, британскиот FTSE 100 на 8.031,35 поени, францускиот CAC 40 на 7.142,09 поени, а московскиот MOEX на 2.858,57 поени.
Вредноста на американскиот берзански индекс Дау Џонс падна за 1.033,99 поени на 38.703,27 поени пред денешното отворање на берзите во Соединетите Американски Држави.

Индексот S&P 500 падна на 5.186,33 поени, а вредноста на индексот Nasdaq на 16.200,08 поени.