На европските берзи во вторник претпладнето се тргува внимателно, додека инвеститорите ги очекуваат новите економски показатели и кварталните деловни резултати на компаниите.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во првиот дневен пресек беше речиси непроменет во однос на вчерашниот ден кога порасна. Лондонскиот FTSE индекс претпладнево ослабе за 0,23 отсто, на 8.179 поени, а париски CAC за 0,08 отсто, на 7.615 поени. Франкфуртскиот DAX порасна, пак, за 0,63 отсто, на 18.520 поени.
Откако вчера индексите пораснаа, што главно се должи на корекцијата по остриот пад минатата седмица, претпладнево повторно е внимателност на берзите, бидејќи инвеститорите чекаат нови економски показатели и квартални деловни резултати на компаниите.
Внимателно се тргува и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, во истиот период како и во Европа, порасна за 0,2 отсто. Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei остана речиси непроменет во однос на вчерашниот ден, додека цените на акциите во Австралија и Јужна Кореја пораснаа меѓу 0,4 и 0,5 отсто. Во Хонгконг и Шангај, пак, паднаа меѓу 0,8 и 1,6 отсто.
На кинеските берзи сѐ уште има внимателност поради побавното од очекуваното закрепнување на локалната економија, па инвеститорите не ги охрабри ниту вчерашното неочекувано намалување на каматите од страна на кинеската централна банка.
Останатите азиски берзи го следат вчерашниот раст на Волстрит, каде индексот Dow Jones зајакна 0,3 отсто, S&P 500 околу 1,1 отсто, а Nasdaq 1,6 отсто. Минатата седмица овие индекси драстично паднаа, меѓу другото, поради ротацијата на капиталот од технолошкиот сектор, што го предводеше растот последните години, во секторите кои би можеле повеќе да имаат корист од намалувањето на каматните стапки.
Имено, на пазарот зајакна мислењето дека американската централна банка во септември ќе ги намали каматните стапки бидејќи инфлаторните притисоци се намалуваат, додека економскиот раст забавува.
Но, вчера акциите на многу технолошки гиганти вратија дел од минатонеделните загуби. Цените на акциите на „Alphabet“, „Meta Platforms“, „Nvidia“ и „Tesla“ пораснаа меѓу 2,2 и 5,1 отсто.
Вчера инвеститорите и беа фокусирани на политичката сцена, откако американскиот претседател Џо Бајден во неделата се повлече од трката за втор мандат. Бајден ја поддржа потпретседателката Камала Харис како демократски претседателски кандидат, но прашање е кој всушност ќе ја добие таа кандидатура.