На европските берзи се тргува претпазливо во понеделник претпалднето додека инвеститорите го исчекуваат јулскиот извештај за инфлацијата на Eurostat.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше во минус од 0,1 отсто во 9,30 часот, но е на пат кон месечни добивки втор месец по ред.
Претпладнево лондонскиот FTSE индекс загуби 0,14 отсто, и падна на 7.683 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,17 отсто, на 16.440 поени, а париски CAC за 0,03 отсто, на 7.474 индексни поени.
По минатонеделниот раст, утрово индексите благо паднаа бидејќи инвеститорите се внимателни пред извештајот за инфлацијата на Eurostat. Аналитичарите анкетирани од Reuters проценуваат дека во јули инфлацијата во еврозоната изнесувала 5,3 отсто на годишно ниво, додека еден месец претходно била 5,5 отсто.
Натамошното ублажување на инфлаторните притисоци би ги поддржало надежите на инвеститорите дека Европската централна банка (ECB), по минатонеделното зголемување на каматната стапка од 0,25 процентни поени, ќе ги остави каматните стапки непроменети на седницата во септември.
И на азиските берзи цените на акциите пораснаа. Индексот на MSCI на азиско-пацифичкиот регион, без Јапонија, беше во пораст за 0,5 отсто околу 9,30 часот, достигнувајќи го највисокото ниво во последните пет месеци. Во целиот јули добивката е околу 5,2 отсто.
Утрово на токиската берза индексот Nikkei порасна за 1,2 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Шангај, Јужна Кореја и Хонгконг пораснаа за меѓу 0,1 и 1,1 отсто.
Пазарите главно се поддржани од надежите на инвеститорите за нови стимулативни мерки во кинеската економија, имајќи предвид дека податоците од утринава за активностите во услужниот и производствениот сектор во јули покажаа дека втората по големина економија во светот расте многу побавно од очекуваното по укинувањето на рестриктивните мерки за пандемијата на ковид-19.
Цените на акциите се поддржани од надежите на инвеститорите дека економиите на САД и еврозоната ќе избегнат рецесија, и покрај наглото зголемување на каматните стапки од страна на американската централна банка Federal Reserve (Fed) и Европската централна банка (ECB).
Дополнително, инвеститорите се надеваат дека завршува циклусот на покачување на каматите во западните земји, кој трае повеќе од една година.