Европската комисија има намера да воведе регулатива со која ќе се бара од поголемите компании да ги објавуваат платите на мажите и жените со цел да се намали финансискиот јаз меѓу половите.

Според најавите на странските медиуми, Брисел вчера требаше да објави низа задолжителни мерки со цел намалување на нееднаквоста во платите во ЕУ и затворање на јазот во платите, кој во 2018 година изнесуваше 14,1 процент во корист на мажите.

Со предложената директива ќе бидат потребни сите 27 членови да воведат построги правила за пријавување на плата во сите компании со над 250 вработени, пишува Пословни дневник.

Исто така, сите работниците ќе имаат право да знаат колку се платени нивните колеги. Меѓу другите мерки, на компаниите ќе им биде забрането да прашуваат колкава е претходната плата на кандидатот, а вработените исто така ќе имаат право на надомест во случај на дискриминација при приходот. Директивата се заснова на принципот на „еднаква плата за еднаква работа“.

Предложениот пакет – допрва треба да биде одобрен од мнозинството членови и Европскиот парламент – доаѓа во време кога има сè поголеми индикации дека пандемијата имала посилно негативно влијание врз жените, пред се затоа што тие се позастапени во многу погодените сектори како хотелиерство, угостителство, ресторани и кафе барови како и во секторите за лична нега.