Усогласената инфлација во Грција во февруари изнесуваше 3%, што е маргинално опаѓање од 3,1% во однос на јануари,  покажуваат денеска објавените податоци на Евростат, објави То Вима.

Годишната стапка на инфлација во еврозоната беше 2,3% во февруари 2025 година, наспроти 2,5% во јануари. Една година претходно, стапката беше 2,6%.

Годишната инфлација на Европската Унија беше 2,7% во февруари 2025 година, во однос на 2,8% во јануари. Една година претходно оваа бројка беше 2,8%.

Овие податоци ги објави Евростат, статистичката служба на Европската Унија.

Победници и губитници, како што соопштија од европската статистичка служба, најниски годишни стапки се забележани во Франција (0,9%), Ирска (1,4%) и Финска (1,5%).

Највисоки годишни стапки се забележани во Унгарија (5,7%), Романија (5,2%) и Естонија (5,1%). Во споредба со јануари 2025 година, годишната инфлација падна во четиринаесет земји членки, остана стабилна во шест и се зголеми во седум.

Според податоците на ЕЛСТАТ, инфлацијата во февруари изнесувала 2,5 отсто, наспроти 2,7 отсто во јануари и 2,9 отсто во истиот месец лани. Според податоците, пораст од 17,5% има кај хотелите, 10,8% во авионскиот транспорт, 9,9% кај кириите, 7% кај премиите за здравствено осигурување, 6,7% кај струјата и 6,4% кај облеката и обувките и 4,1% кај природниот гас. Инфлацијата на храната изнесуваше 0,2%, при што цените на маслиновото масло се намалија за 16,9%, но оние на другите масла пораснаа за 11%.