На валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути е зголемена бидејќи доларот се смета за побезбедно засолниште за капиталот во неизвесни времиња.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утринава изнесува околу 107,05 поени, што е блиску до највисокото ниво во една година, додека вчера во ова време изнесуваше 106,56 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од вчерашните 155,05 на 154,55 јени.
Сепак, американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0465 долари, најниско ниво за една година, додека вчера во ова време беше 1,0550 долари.
Еврото е под притисок поради ризикот од ескалација на војната меѓу Русија и Украина, кризата на германската влада, неизвесноста во однос на францускиот буџет и бавниот раст на економијата на еврозоната.
Цените на нафтата, пак, стагнираат, по вчерашниот силен раст. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово зајакна за 0,02 отсто, на 74,20 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,01 отсто, на 70,15 долари.