Доларот зајакна за над еден процент во однос на кошницата валути и достигна 97, 281 поени. Притоа еврото во однос на доларот се спушти под 1,09 $ за прв пат во месец дена. Во исто време доларот зајакна и во однос на јенот, на 121,79 ¥.
По еден подолг празничен викенд, на првиот редовен ден на тргување оваа недела на пазарот во Лондон, во фокусот на учесниците на финансискиот пазар повторно е загриженоста во врска со Грција поради приближувањето на роковите за отплата на ратата кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Покрај тоа, за атрактивноста на доларот во однос на еврото помогна и обновениот пад на приносите на германски државни обврзници.
“Мислам дека дојде до промена и дека доларот е повторно во пораст. Процесот на адаптација е доведен до крај и доларот може да реагира на секоја позитивна вест”, изјави Ian Stannard валутен аналитичар во инвестициската банка Morgan Stanley.
Неизвесноста околу тоа дали ФЕД ќе биде во можност да ги зголеми каматните стапки оваа година е главната причина за неколкуте тешки недели за американската валута. Но доларот доби поддршка минатиот петок, кога претседателката на ФЕД Janet Yellen потврди дека американската монетарна политика има тенденција за заоштрување односно зголемување на каматните стапки.