Девизниот курс на еврото во вторникот на меѓународните пазари во однос на јенот во еден момент се спушти на најниско ниво во речиси три години, по лошите вести од економијата на еврозоната, кои се нов аргумент на Европската централна банка (ЕЦБ) следната недела да објави нов сет на монетарен стимулс.
Еврото во еден момент падна на 122,085 ¥, на најниско ниво од април 2013 година. Подоцна во тргувањето се стабилизира на 122,73 јени.
Еврото остана под притисок и во однос на доларот и фунтата откако последните податоци на Еуростат покажаа дека инфлацијата во февруари е послаба отколку што се очекуваше. Еврото во однос на доларот ослабе за 0,1 проценти, на 1,0861 $. Фунтата во такви околности малку се стабилизираше во однос на еврото и се тргуваше за 78 пени.
Најновиот извештај за индексот на менаџерите за набавка (PMI) на истражувачката компанија Markit покажа дека растот на активноста во производниот сектор во еврозоната е на најниско ниво во последната година.
Тоа на Европската централна банка, која следната неделата има редовен месечен состанок, може да и послужи како дополнителен мотив за воведување на нов пакет на монетарно олеснување за зајакнување на економијата и инфлацијата. Се очекува ЕЦБ да ја намали стапката на банкарските депозити за најмалку 0,10 процентни поени, уште подлабоко во негативна територија.