Девизниот курс на еврото на меѓународните пазари падна во пресрет на истекот на рокот за отплата на грчкиот долг кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) кој Атина нема да го запази, па фокусот се пренасочи кон претстојниот референдум во Грција, каде граѓаните треба да одлучат дали ги прифаќаат условите на меѓународните кредитори.
Девизниот курс на еврото во однос на доларот падна за 0,6 проценти на 1,1170 $. Еврото ослабе за 0,8 проценти и во однос на јенот.
Како што банкротот на Грција се чини неизбежен, во фокусот на учесниците на пазарот се преусмерува на мислењето кое го имаат жителите на Грција во пресрет на референдумот, кој е закажан за в недела, на кој ќе се одлучува дали да се прифатат услови на меѓународните кредитори.
Некои инвеститори очекуваат грците да се согласат со условите за меѓународна финансиска помош, по што владата ќе се врати на преговарачка маса. Ова сценарио исто така е неизвесно откако премиерот Алексис Ципрас во понеделникот изјави дека ќе поднесе оставка доколку граѓаните гласаат за финансиската помош во замена за реформи за кои тој не се согласува.
“Многу учесници на пазарите веќе имаат пресметка при можност за банкрот на Грција. Сепак, не постои гаранција дека стабилноста ќе потрае”, рече Куосуке Сузуки, директор на оделот за тргување со валути на Сосиете женерал.
Со оглед дека инвеститорите не се склони кон ризик, се зголеми побарувачката за јапонската валута. Во таква средина, вредноста на доларот ослабе во однос на јенот за 0,25 проценти, на 122,22 ¥.