Девизниот курс на еврото на меѓународните валутни пазари во однос на доларот се задржа во близина на најниското ниво во последните седум и пол месеци, во пресрет на состанокот на Европската централна банка (ЕЦБ), на кој по очекувањата на инвеститорите значително ќе се зголемат стимулативните мерки.
Европската валута во такви околности се тргуваше по 1,0578 $, што значи пад за 0,3 проценти во споредба со претходниот ден. После изјавата на претседателката на ФЕД Janet Yellen во врска со зголемувањето на каматните стапки еврото во еден момент падна на 1,0550 $, што е најниско ниво од средината на април.
Вредноста на доларот се зголеми за 0,2 проценти во однос на јенот на 123,49 ¥, во близина на највисокото ниво во последните три месеци од 123,77 ¥, кое го достигна на средината на ноември.
Разликите во монетарната политика од страна на централните банки на САД и еврозоната, уште еднаш дојдоа во прв план откако Janet Yellen сигнализираше зголемување на каматните стапки овој месец, изразувајќи го своето задоволство во однос на очекуваниот почеток на циклусот на зголемување на каматните стапки. Ваквите пораки го поттикнаа растот на доларот во однос на кошницата валути на највисоко ниво во последните 12 и пол години.