
Во третиот квартал од 2022, БДП се зголеми за 2% на годишна основа. Овој раст е остварен во услови на растечка неизвесност во економијата, односно забрзан раст на цените на храната и енергентите, како и значителен ризик од намалување на надворешната побарувачка.
Особено погодена од овој контекст е индустријата, која во кварталот оствари пад од 1,7%, а само преработувачката индустрија пад од 2,9%, првенствено како резултат на ограничувањето на производството поради скапите енергенси. Градежништвото, исто така, продолжи да се намалува за 9,1%. Од друга страна, враќањето на претпандемиските нивоа продолжи со солидна динамика од 9,1% раст кај трговијата, транспортот и хотелиерството.
Сепак, ризикот од пад на надворешната побарувачка сé уште не е значајно материјализиран, бидејќи извозот и увозот ја задржаа својата динамика на раст од 17,8% и 19,4%, соодветно, додека неизвесноста позначајно се рефлектираше кај бруто инвестициите кои бележат побавен раст од претходно (9%).
Приватната потрошувачка забележа невообичаено висок раст од 5,4%, остварен во услови на пад на реалната просечна плата (од 5,3%), но поддржан од растот на минималната плата, пензиите и дознаките од странство (номинален раст од 29% на годишна основа).
Невработеноста во третиот квартал од 2022 понатамошно благо се намали, на 14,3% од претходните 14,5% (К2-2022). Вработеноста стагнира на 47,3%, па падот на невработеноста е остварен како резултат на пасивизација на населението на пазарот на трудот, што е неповолен тренд кој започна уште за време на пандемијата.
Во третиот квартал од 2022, инфлацијата забрза на 17,2% на годишна основа. Овој раст на цените и понатаму е доминантно движен од глобалните притисоци врз цените на примарните производи и енергијата, но пренесените ефекти врз пошироката потрошувачка кошничка и растот на личната потрошувачка го оправдуваат монетарното затегнување кое започна во вториот квартал и неопходно налагаат поголема внимателност и рестриктивност од страна на фискалната политика.