Со помали даноци и поефикасни инспектори против сивата економија. Не запираат реакциите во јавноста за најавените даночни реформи. Според пресметките на Фајненс тинк државата годишно губи по 650 милиони евра бидејќи не успева да се справи со сивата економија. Благица Петрески вели дека пред да се разговара за измени во даночната политика – државата најпрво треба да ги убеди граѓаните дека парите кои ги собира од давачките се користат за јавно добро и развој.

„Најголемо намалување на сивата економија се случило при намалувањето на даноците во 2008та година, не затоа што се преминало од прогресивен на рамен данок, туку затоа што имаше општо намалување на даноците на доход. Тоа значи дека доколку не ги променувате даночните стапки, ударот може да се зададе и со зајакнување на институционалните капацитети. Добро профилирање на јавна администрација и инспекторати кои треба да се справуваат со сивата економијаи особено важно даночниот морал, одночно даночните обврзници да веруваат дека она што го плаќаат на државата ќе заврши за нивно добро, а не за цели на поединци или на интересни групи.“ изјави за Канал 5 Благица Петрески, Фајненс тинк.

Експертите, бизнис секторот и невладините изминатиов период го делеа истиот став. – Државата да ги засука ракавите и да се занимава со сивата економија, а дури потоа да отвора дебати за даночни измени.

Министерот за финансии Фатмир Бесими пак преку колумна уверува дека борбата со сивата економија е дел од реформата. Според Бесими со системски измени ќе се преземат низа мерки за формализирање на неформалниот сектор.

„Кога велам зголемување на даночната основа, тоа подразбира и воведување во неа субјекти од неформалниот дел. Како успешна приказна ќе го издвојам проектот Мој ДДВ, во кој скоро четири години десетици илјади граѓани учествуваат и помагаат да се намали сивата економија. На ваков начин се јакне даночниот морал кај граѓаните. Сите оние кои скенираат се на некој начин инспектори и накнадата која ја добиваат со повратот на ДДВ е само симболично нешто во споредба од придобивките кои понатаму ќе можат да се испорачаат преку јавните услуги. Од следната година веќе ќе се зголеми и месечниот поврат на ДДВ и на тој начин уште повеќе да ги мотивираме граѓаните во борбата против сивата економија.“ пишува Фатмир Бесими, министер за финансии

Против даночните измени реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот Христијан Мицкоски смета дека даноците треба да се намалуваат и најавува дека кога ќе биде на власт, рамниот данок од 10 ќе го намали на 8%.

„Даноци може колку сакаат да покачат, тие даноци се за да го добијат аранжманот кој го преговараат со меѓународни институции и сакаат да го поврзат со реалзиација на проектот Бехтел и Енка, каде ќе се договараат во 4 очи. Затоа и пропадна тендерот за надзор бидејќи не им одговара да им потпишува фактури колкави сакаат, таму се смета на историска епохална пљачка на колацијата ДУИ-СДСМ. “ изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Финансии ја отвори јавната дебата за даночните реформи кои предвидуваат укинување на некои даночни ослободувања и нови даноци веќе од наредната година. Планираат во буџетот да се слеат дополните 54 милиони евра кои би ја намалиле дупката во буџетот и би се користеле за инфраструктурни проекти.