Албанија пред две години издвојувала 0,5 отсто од БДП, Србија била најдарежлива со 5,9 отсто, а Македонија за оваа намена определила 1,9 отсто од БДП или 235 милиони евра, информира Благица Петрески, директорка на Фајненс Тинк
Од доделените 235 милиони евра на име државна помош во 2022 година, најголемиот дел од колачот, односно над 60 отсто отишле во земјоделскиот сектор, а остатокот кај компаниите и за привлекување на странски директни инвестиции. Студијата на Институтот „Фајненс Тинк“ за тоа како овој вид помош е дизјаниран во шесте земји од Западен Балкан, забележа значителна разновидност, вели Благица Петрески, директорка на Институтот. Анализата следела за кого се наменети парите, какви видови на помош се даваат и каков е нивниот ефект во периодот од 2018 до 2022 година. Така Албанија пред две години издвојувала 0,5 отсто од БДП, Србија била најдарежлива со 5,9 отсто, а Македонија за оваа намена определила 1,9 отсто од БДП или 235 милиони евра, рече Петрески на економскиот форум „Трка до дното“ – Транспарентност на државната помош за привлекување и поддршка на инвестиции во Западен Балкан“.
-Во некои земји, државната помош била стратешки канализирана за поддршка на раст на мали и средни претпријатија и енергетиката (Србија), Албанија во последно време го фаворизира туризмот, додека во Македонија најголемиот дел од оваа помош завршила во агро-секторот. Овие напори се особено евидентни во земјите каде приватниот сектор се уште се развива и каде на локалните бизниси им е потребна дополнителна поддршка да се натпреварува со поголеми, добро етаблирани фирми. Спротивно на тоа, во некои од земјите на Западен Балкан, државната помош претежно стигнува до големи индустрии, вклучително и инфраструктурните проекти, производствените и извозно ориентираните сектори. Оваа разлика во пристапите ги одразува различните национални приоритети, економски структури, и фази на развој низ регионот, но тоа исто така укажува на недостаток на униформност што може да ја попречи кохезијата на регионалната политика – објасни Петрески.
Кога се споредуваат бројките наспроти земјите, Србија постојано стои на највисоките нивоа на државата помош, особено за време и по пандемијата. Косово, на почетокот имаше минимална државна помош, но забележа значителен скок во 2021. Албанија, Босна и Херцеговина, и Црна Гора покажуваат слични обрасци на зголемена државна помош во 2020 година проследено со намалувања во следните години. Македонија одржува најмногу стабилен тренд, со само мали зголемувања или намалувања, што укажува на постабилен пристап за државна помош.
-Доделената државна помош треба да води до зголемена конкурентност, иновативност, продуктивност, претприемништво, работни места, технолошки развој не само на компанијата примател, туку и на целата домашна економија – поентираше Петрески.
Според Гоце Димовски, Директор на Дирекцијата за ТИРЗ во моментот се работи на соодветна анализа за промена на домашниот модел за привлекување нови странски инвеститори за која јавноста наскоро ќе биде информирана. Димовски не откри други детали, но истакна дека ќе се усогласуваме со глобалниот свет, за да бидеме поконкуретни и поатрактивни во однос на другите земји.