Европската унија утре треба да ги претстави плановите за „дигитален паричник“ скроен за цела Унија, по барањата на земјите-членки да се изнајде безбеден начин за пристап на граѓаните до јавни и приватни услуги преку Интернет, пишува „Фајненшл тајмс“.

Апликацијата ќе им обезбеди на граѓаните ширум ЕУ безбеден пристап до низа услуги со користење на единствена интернет идентификациска ознака, пишува денеска ФТ.

Дигиталниот паричник ќе ги чува податоците за плаќање и лозинка и ќе им овозможи на граѓаните од сите 27 земји да се најавуваат на веб-страниците на локалните власти или да плаќаат сметки за комунални услуги со користење на еден препознатлив идентитет, посочува весникот, повикувајќи се на извори директно запознаени со плановите.

Апликацијата ќе биде достапна, меѓу другите методи, и со скенирање на отпечаток од прст или мрежница, а исто така ќе служи и како дигитален сеф во кој корисниците можат да складираат официјални документи како што е возачката дозвола, објави ФТ.

Официјалните претставници на ЕУ ќе ги спречат компаниите кои имаат пристап до податоците на корисниците да го користат паричникот за каква било друга комерцијална активност, како што е маркетинг на нови производи.

Брисел преговара со земјите-членки за давање упатства за техничките стандарди за воведување на дигиталниот паричник, кој се очекува да биде целосно оперативен за околу една година, според Фајненшл тајмс.