Недостигот на маслиново масло и цените кои ги срушија сите рекорди на европскиот пазар, практично ги туркаат фалсификаторите желни за профит во организиран криминал.
Неодамна беше објавено дека во акција на италијанската финансиска полиција во три нелегални лаборатории во градот Черинјола на југот на Италија биле запленети 37.000 литри лажно екстра девствено маслиново масло штетно по здравјето на луѓето. Лабораториските анализи утврдиле дека не се работи за маслиново масло, туку за масло добиено од семки од сончоглед со додадени бои надвор од дозволените граници, објави весникот „Коријере дела сера“, пишува Политика.
Три лица се предадени на обвинителството во Фоџија поради сомнение дека тргувале со штетни материи и продавале лажен прехранбен производ како оригинал, при што ги прекршиле управните прописи за објавување информации за потеклото и квалитетот на прехранбените производи.
Во јануари годинава беше објавено дека има сè повеќе фалсификати поради недостигот на маслиново масло на европскиот пазар, но се чини дека примерот од Италија е најдрастичен досега. Одамна е познато дека маслиновото масло е еден од најфалсификуваните производи во светот, а шпекулантите со години го таргетираат најскапото екстра девствено масло, бидејќи тоа е најисплатливо.
Европската агенција за јавно здравје и безбедност на храна предупреди на оваа појава пред точно десет години, наведувајќи ги шпекулантите од Италија како најголем ризик. Ризикот од купување на фалсификувано маслиново масло е исклучително висок поради недостигот на оваа храна на пазарот на Европската Унија, објави словенечката државна телевизија, а пренесе „Јутарњи лист“.