Во периодот од 01.01-30.06.2023 година Комерцијална банка од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 2.003,3 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 1.127,3 милиони денари што претставува зголемување за 77,7%.
Планираната бруто-добивка за првото полугодие од годинава е остварена со 131,4%. Притоа, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 50,4% поголема во однос на истиот период минатата година.
Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемувањето на приходите од редовно работење, односно од нето-приходите од камати кои бележат значително зголемување што се должи на континуираниот пораст на основната каматна стапка на Народната банка и на каматните стапки на странските финансиски пазари, во комбинација со структурата на активата на Банката. Зголемувањето на каматните стапки е резултат на напорите за намалување на инфлацијата на светско ниво.
Позитивниот резултат од работењето Банката го оствари во услови на зголемена неизвесност поврзана со случувањата на меѓународните финансиски пазари (особено заради случувањата во банкарските системи во САД и Швајцарија), сѐуште висока инфлација која бележи одредено забавување, како и натамошно затегнување на монетарната политика.
Вкупните приходи од работењето изнесуваат 3.300,3 милиони денари и бележат зголемување од 32,0% во однос на истиот период од минатата година.