Поплави, суши, бури, штетници, здравствени кризи, војни – катастрофални настани доведоа до загуба од 3,8 трилиони долари во растителното и сточарското производство во последните 30 години.
Ова се наведува во извештајот објавен денеска на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Штетата била околу 123 милијарди долари годишно, или пет отсто од приходот што го создале земјоделците помеѓу 1991 и 2021 година, се вели во документот.
Оваа штета може да се претвори во загуба од 147 калории дневно по лице, што е годишна нутритивна потреба на 400 милиони мажи или 500 милиони жени.
„ФАО прави ваква проценка за прв пат бидејќи меѓународната заедница станува свесна за значително зголемување на бројот на катастрофи, кои се четирикратно зголемени од 1970-тите“, рече заменик-директорот за статистика на ФАО, Пјеро Конфорти.
Зголемениот број катастрофи главно се должи на климатските промени – екстремните температури, суши, поплави и бури предизвикуваат најмногу штети.
Според извештајот на ФАО, пандемии како ковид, епидемии како африканска свинска чума и вооружени конфликти исто така предизвикуваат штета.