Индексот на цените на храна на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) во април изнесуваше 119,1 поен, што е за 0,3 отсто повеќе од еден месец порано.
Цените на житарките во овој период пораснаа за 0,3%, по три последователни месеци пад, додека цените на оризот паднаа за 1,8 поени.
Индексот на цените на растително масло и во април порасна за 0,3 отсто во однос на еден месец претходно, достигнувајќи го својот максимум во последните 13 месеци.
Цените на месото се зголемија за 1,6%, поттикнати од порастот на цените на живината, говедското и овчо месо, и покрај падот на цените на свинското месо, соопшти организацијата.
Индексот на цените на шеќерот падна за 4,4% на месечно ниво, а за 14,7% на годишно ниво, благодарение на зголеменото производство во Индија и Тајланд.
Цените на млечните производи по шест месеци пораст забележаа благо намалување од околу 0,3%.
Во април, споредено со истиот период лани, светските цени на храната се пониски за 9,6%.