Светската криза, растот на цената на енергенсите, поскапувањата… еднакво се одразуваат на земјоделско-прехранбениот сектор, на прехранбената индустрија, а тука е и млечната индустрија. Прехранбената индустрија учествува со 6% во вкупниот БДП. А токму фармерите млекопроизводители во ваква ситуација се оставени сами на себе.

Производството на млеко и млечни производи секој ден е поскапо како резултат на бранот поскапувања, цената на концентратот од 16 стана 29 денари, кабастата храна, струјата, горивата и сè што е неопходно за примарно млекопроизводство станува се поскапо.

Откупната цена за млекото е зголемена во просек за 15% за изминатите две години. Интервенциите во откупната цена директно се одразуваат врз состојбата на пазарот, па така домашните компании млекопроизводители ќе станат неконкурентни во споредба со и така во голема мера присутната, поевтина но квалитетна, понуда од увоз. Едноставно преработувачите на млеко немаат капацитет преку високата цена на млекото да ја покриваат ниската продуктивност кај примарните производители и скапата сточна храна.

Примарните млекопроизводители – фармерите од државата се субвенционирани единствено по основ мерки за финансиска поддршка во земјоделството и тоа 3,5 денари за литар предадено кравјо млеко, односно 4,5 денари за литар предадено овчо и козјо млеко. Дополнителна помош, како што многу други сектори добија, за фармерите млекопроизводители не е доделена.

Меѓу фармерите владее убедување дека само оние кои протестирале добиле интервентни субвенции, и оттаму се прашуваат дали тоа е единствениот начин за некој да ги слушне нивните барања.

Примарното млекопроизводство во Македонија претежно се состои од мали семејни фарми, околу 6.500, кои имаат нископродуктивни една до три крави со прилично ниско годишно производство на млеко, од 2-3 илјади литри по крава. Но, овие семејни фарми опфаќаат 75% од вкупниот број фармери млекопроизводители.

Бројот на големи специјализирани фарми со повеќе од 20 крави е многу помал и опфаќа околу 3% од вкупниот број. Овие фарми се со висока продуктивност и со годишно производство на млеко од околу 5 илјади литри по крава. Само 1% од фармите имаат повеќе од 50 грла и според перформансите овие фарми треба да бидат носители на производството на квалитетен генетски материјал за преостанатите фарми или репродуктивни центри. Клучниот хендикеп е зависноста од увозна сточна храна.

Токму профилот на краварските фарми, односно нивната бројност и учеството во примарното млекопроизводство наспроти малата бројност на грла, го отвора прашањето, а и проблемот, дали е потребно државата да се сврти кон нивните потреби и да ја поттикне нивната одржливост со субвенции и наменски мерки како и за другите клучни сектори, како на пример со давање земјиште под закуп за сопствено производство на сточна храна.

Овие мали фарми се карактеризираат со ниска продуктивност, недостаток на систем за следење и сузбивање на болести кај кравите, што има големо влијание врз квалитетот и безбедноста на млекото. Недостатокот од современи услови за одгледување продолжува со набавка на добиточна храна, несоодветна испорака и транспорт на млекото што го отежнува спроведувањето на концептот за контрола на млекото и воопшто контролата. Сето тоа е премногу скапо за малата фарма. Тоа што се мали, до 3-4 грла ги прави финансиски немоќни за големи вложувања во условите и не секогаш се подобни за евентуални банкарски кредити за инвестирање во своите фарми. Од друга страна, пак, бројноста на овие фарми ги прави значајни и клучни во вкупната млечна индустрија на државата.

Сето тоа е причина и за намалување на примарното млекопроизводство во Македонија. Според податоците на Групација за производство, откуп и преработка на млеко и последната направена анализа од 2005 до 2018 година количините откупено млеко е намалено за околу 35%. Во 2005 година биле откупени 165.899 литри, а во 2018 се откупени 105.996 литри.

Како резултат на недоволната поддршка, постои тренд на затворање на малите фарми, бројки што во последните години се двоцифрени. А намалувањето на бројноста на малите фарми сериозно може да се одрази врз млечната индустрија во земјава.

Овие тенденции продолжуваат и во последниве години, така што моменталната кризна состојба само уште повеќе ја отежнува позицијата на фармерите млекопроизводители. И овој проблем не треба да се заобиколи, затоа што директно влијае на одржливоста на млечната индустрија во земјава, односно за да не дојде до тоа стануваме увозно зависни со континуиран раст на увозот на млеко. Сепак, треба да се има предвид дека млечните производи се категорија каде што домашното производство може и треба да биде доминантно на пазарот и да не се дозволи да биде прегазено од поевтина увозна понуда што сè повеќе ќе ја има.

Затоа потребно е итно носење мерки за државна поддршка за примарните производители со што би се обезбедил нивниот опстанок, а со самото тоа би се осигурала одржливоста на целата млечна индустрија.