Американските регулатори му изрекоа рекордна казна од пет милијарди долари на Фејсбук поради скандалот со откривањето на личните податоци на корисниците, објавија тамошните медиуми.
Ова е заклучокот на истрагата на Федералната комисија за трговија (ФТЦ), која ги испитуваше обвинувањата дека политичката консултантска фирма „Кембриџ аналитика“ незаконски дошла до личните податоци на 87 милиони корисници на Фејсбук. Двете страни засега не се огласија со коментар.
Иако рекордно висока, казната е во рамките на она што го очекуваше и самиот Фејсбук.
„Кембриџ аналитика“ е британска фирма која дојде до големо количество лични податоци преку квиз на Фејсбук и потоа ги искористи за да го проучи психолошкиот профил на американските гласачи и да влијае врз нив да гласаат за Доналд Трамп на изборите во 2016.