Навивачите на ФК Барселона ќе се запознаат со начинот на функционирање на криптовалутите, односно блокчејн технологијата.
Барса, како еден од најпопуларните светски фудбалски клубови, планира да издаде дигитални токени за употреба на платформа за своите навивачи, пренесува „Coinidol“.
Токените на тој начин ќе им овозможат на нивните сопственици да гласаат за различни одлуки поврзани со тимот, како што е на пример музиката што ќе се пушта на стадионот кога тимот ќе постигне гол и слично. Идејата е да им се овозможи на навивачите ширум светот да учествуваат во важни и помалку важни клупски одлуки, односно да им се даде признание и важност пред се.
За да ги купат крипто токените издадени од клубот, навивачите ќе треба да ја преземат апликацијата Socios.com, да ги купат оригиналните монети познати како „Чилиз”, а потоа да ги искористат за да купат токени од Барселона.
На навивачите ќе им бидат понудени 40 милиони монети од по 2 евра, а најголем дел од приходите ќе одат во клубот, изјави Александар Дрејфус, извршен директор на Socios.com. „Чилиз” токените се тргуваат на неколку крипто берзи и може да се чуваат во дигитален паричник.
Инаку, ова не е новост. Откако изминатиот декември беа претставени навивачките токени на клубот, се регистрираа околу 110.000 корисници, купувајќи во просек монети вредни 20 долари.
„Нашата цел не се навивачите кои редовно присуствуваат на натпреварите. Идејата е да се привлечат 99,9% од луѓето кои не се на стадионот” – изјави Дрејфус.