Американската технолошка компанија Мета се надева дека профили генерирани со вештачката интелигенција ќе ги исполнат нејзините социјални платформи во следните неколку години, пренесува Фајненшал Тајмс.
Компанијата наводно планира да лансира низа производи со вештачка интелигенција, вклучително и апликација кој ќе им помага на корисниците да создаваат нови карактери генерирани со вештачка интелигенција на Инстаграм и Фејсбук.
„Очекуваме дека овие карактери со вештачка интелигенција, со текот на времето, навистина ќе бидат дел од нашите платформи, на ист начин како што постојат корисничките профили. Тие ќе имаат биографии и профилни слики и ќе можат да генерираат и споделуваат содржини овозможени од вештачка интелигенција на платформата… така го гледаме развојот на сето ова“ – изјавил Конор Хејс, потпретседател на производи со генеративна вештачка интелигенција во Мета, на прашање од Фајненшал Тајмс.
Тој додава дека приоритет на Мета во следните две години ќе биде да ги направи своите апликации „позабавни и попривлечни“ за корисниците, и тоа пред сè во насока на поголема и посоцијална интеракција со вештачката интелигенција.
Ваква алатка беше лансирана на пазарот во САД уште минатиот јули, со планови за проширување на пристапот до апликацијата во иднина. Според Хејс, стотици илјади вештачки карактери веќе биле создадени со помош на алатката, но повеќето корисници досега одлучувале да ги чуваат своите карактери приватни.
Мета досега има лансирано повеќе алатки со вештачка интелигенција, а засега најпопуларна е онаа за уредување на фотографии. Компанијата исто така има воведено алатка со која корисниците можат да креираат виртуелни асистенти кои одговараат на прашања од нивните следбеници. Следната година, Мета планира да лансира и софтвер за генерирање видео од текстуален опис, што ќе им овозможи на креаторите на содржини да се вклучат во создавањето видеа со помош на вештачка интелигенција.