Федералните резерви на САД објавија дека ќе ги задржат каматните стапки на исто ниво како минатиот месец, потег што финансиските пазари во голема мера го очекуваа, иако тоа е спротивно на желбите на американскиот претседател Доналд Трамп.

Комитетот за отворен пазар на ФЕД (FOMC) едногласно одлучи да ја задржи целта на стапката на федералните фондови помеѓу 4,25 и 4,5 отсто, како што беше објавено во средата попладне по завршувањето на дводневниот состанок, објави Форбс.

Оваа пауза ја прекинува низата од три последователни намалувања на каматните стапки, почнувајќи од септември, кога ФЕД го воведе своето прво намалување на стапките од март 2020 година.

Во соопштението на FOMC се истакнува дека невработеноста се стабилизира на ниско ниво, додека инфлацијата останува малку покачена, отстранувајќи ја референцата од претходната одлука дека инфлацијата „напредува“ кон целта од два проценти.

Инвеститорите ја очекуваа одлуката на ФЕД, со проценки кои укажуваат на 99,5 отсто шанси за пауза, според алатката FedWatch на CME Group, која го следи тргувањето со деривати поврзани со монетарната политика.